„Вчерашните објави отворија сериозни сомнежи околу начинот на кој компанија основана дури во јули 2024 година успеала да обезбеди јавни договори во вредност од над 3,4 милиони евра од Општина Чаир. Според објавените документи, станува збор за четири крупни тендери добиени од компанијата НУМ КОНСТРАКШН ЛТД, од кои два за време на мандатот на Висар Ганиу и два во периодот кога со општината раководел Изет Меџити“, велат од ДУИ.
„Она што дополнително го прави случајот загрижувачки е фактот што Аднан Синани, кој во јавноста важи за човек од најблискиот круг на Изет Меџити, е директно поврзан со адресата од која работи оваа компанија. Токму затоа, граѓаните имаат право да бараат целосна транспарентност и јасни одговори.
Кој ја препорачал оваа компанија?
Како е можно новоформирана компанија за толку краток период да добие јавни договори вредни над 3,4 милиони евра?
Дали постоеле лични, семејни, деловни или политички врски кои влијаеле врз овие постапки?
Зошто токму оваа компанија била добитник на милионски договори и за време на мандатот на Висар Ганиу и во периодот на Изет Меџити?
Дали Државната комисија за спречување на корупцијата, Јавното обвинителство и другите надлежни институции ќе отворат постапка за да ги испитаат сите околности поврзани со овој случај?
Мора да се отстрани секој сомнеж за фаворизирање на лица блиски до власта.
Колку поблиску е еден корисник на јавни средства до центрите на политичко одлучување, толку повисок мора да биде стандардот на транспарентност.
Затоа, ДУИ ги повикува надлежните институции без одлагање да постапат и независно да ги истражат сите аспекти на овие договори.
Парите на граѓаните не се ничија приватна сопственост. Секое евро мора да биде оправдано, а секој сомнеж мора да добие одговор“, се наведува во соопштението на ДУИ.
Текстот ДУИ: 𝟥,𝟧 милиони евра тендери за компанија поврзана со најблискиот круг на Изет Меџити – граѓаните заслужуваат одговори е превземен од МАКФАКС.