Муцунски не сака да го толкува Кошта, но чувствува дека највисоките претставници на ЕУ имаат желба за стимулирање дијалог со Бугарија

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, не сака да навлегува во толкување на изјавата на претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта за усвојувањето заклучоци со гаранции дека земјава нема да добие нови условувања на европскиот пат. Кошта, на прашањето дали може да усвојат такви заклучоци рече „посакувам што е можно порано Европскиот совет да има услови да донесе вакви заклучоци, но ова зависи од Северна Македонија, да го направи тоа што го договорила во 2022 година“. Договореното во 2022 година е усвојување на уставните измени, за кои Кошта нагласи дека се единствениот начин за формално почнување на пристапните преговори.

„Она што е договорено во 2022 година треба да се испорача и ништо повеќе од тоа“, рече Кошта на заедничката прес-конференција со премиерот Христијан Мицкоски.

Министерот Муцунски денес кажа дека од Кошта не слушнал експлицитна изјава дека заклучоци е неприфатливо да се гласаат, но затоа објасни што чувствува.

„Тоа што јас го чувствувам од највисоките претставници на Европската Унија е дека има желба за стимулирање на дијалог меѓу двете држави. Од таа гледна точка ние ќе бидеме не само конструктивен туку и продуктивен чинител. Јас, покрај тоа што велам дека ние имаме јасни позиции, секогаш нагласувам дека ние немаме алтернатива освен европскиот пат. Очигледно е дека во моментов постои сериозен интерес од страна на земјите-членки на европските институции за раздвижување на политиката за проширување и доколку тој интерес е искрен, секако и за нашиот спор ќе се најде соодветно европско решение“, рече министерот Муцунски денес пред обраќањето на бизнис форумот на информатичко-комуникациски компании организиран од Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ и Здружението на информатички компании на Грција.

Министерот Муцунски, не сакаше да навлезе во толкување на изјавата на Кошта, но нагласи дека ЕУ дава силен сигнал со тоа што утрешниот самит го организира во Тиват.

„Без сомнеж имаме очекувања од самитот бидејќи е, прво, самит кој се одржува во регионот. Самото тоа е порака кон регионот. Очекуваме да се пратат дополнителни сигнали за охрабрување кон регионот, во една колективна смисла. Веројатно една од темите за дискусија, бидејќи се очекува присуство на канцеларот Мерц, ќе биде како тој ја гледа политиката на проширување. Еден од позитивните сигнали што ги слушаме, но веројатно изворно ќе го слушнеме во Тиват е дека и тие идеи кои што тој ги образложи во своето писмо не се толкуваат алтернативно односно дека ќе има некој нов модел без пат кон полноправно членство туку како еден паралелен процес кој би се одвивал. Но, секогаш е најдобро покрај информациите кои ги добиваме и изворно да слушнеме што имаат да кажат највисоките претставници и на земјите членки и на европските институции“, рече Муцунски.

Тој и денес повтори дека Владата цврсто останува на позицијата дека во овој момент услови за уставни измени нема, но може да се создадат врз основа на градење меѓусебна доверба, која, пак, тој смета дека може да се изгради ако има институционални гаранции.

Текстот Муцунски не сака да го толкува Кошта, но чувствува дека највисоките претставници на ЕУ имаат желба за стимулирање дијалог со Бугарија е превземен од МАКФАКС.