
За три години Плачковица ќе остане без стока, предупредуваат сточарите од Кучица. Ниските цени, слабиот откуп и празните трла го гасат сточарството во регионот. Велат дека последните години се повеќе сточари се откажуваат од чување добиток, бидејќи трудот не им се исплаќа, а помош речиси и да нема. Цената на јагнето постојано паѓа, трошоците растат, а откупот од кланиците го оценуваат како никаков.
,,На јагнето цената од 300 денари, сега гледам дека е намалена на 250 денари. Немаме стабилна цена на ништо ниту за јагне, ниту за телешко, значи немаме никаков откуп од кланиците. Кажувам дека дека се откажуваат, околу 400 грла отидоа, двајца до тројца се уште некако се изджуваат, јас зборувам за плачковичкиот дел. Ако оди вака, за три четири години ќе снема стока.“, кажа Ибраими
Младите си заминуваат, едни во странство, други во фабрики, бидејќи од сточарство повеќе не може да се живее. И самиот Ибраими вели дека веќе изградил куќа во Штип и планира да се пресели, затоа што, како што вели, овој труд повеќе не се исплаќа.
Сточарите велат дека без сигурен откуп и стабилни цени, иднина за оваа дејност нема. Стравуваат дека со заминувањето на младите ќе згаснат и стадата, но и животот во планинските села.
Иван Митев, М-Нет