Гнев и револт во Горни Балван – жители го блокираа патот поради уништеното село од тешки камиони

Револтирани и гневни жители на штипското село Горни Балван денеска го блокираа главниот пат во селото поради настанатите штети, предизвикани од камиони на приватна фирма кои секојдневно црпат и транспортираат ископан материјал. Жителите од овде тврдат дека тешките товарни возила им ги пукнале цевките за наводнување на нивите, го уништиле патот и предизвикуваат оштетувања на куќите. Поради тоа, денеска решија со блокада да го изразат својот револт, барајки итна реакција од надлежните институции.

Жителите тврдат оти асфалтот не може да издржи тежина повеќе од 20 тона, а моментално според нив камионите секој ден се движат тешки и над 50 тона.

Инаку, на денешниот протест, имаше и екипи на СВР Штип, кои дојдоа за увид на местото на настанот. Жителите најавуваат дека ќе останат на блокадата додека ситуацијата не се реши. Велат дека повеќе нема да дозволат дополнителни штети во селото.

Иван Митев, М-Нет