
Фудбалерите на Шкендија Арачиново одиграа нерешено 1:1 на гостувањето кај Осогово во Кочани, во натпревар кој донесе многу возбуда, но и сериозни реакции од гостинскиот табор.
Дуелот, кој беше директно пренесуван на М Нет-ТВ, заврши со драматичен финиш, откако домашниот тим успеа да израмни во самиот финиш – во 90-тата минута, оставајќи ја Шкендија без планирани три бода.
По натпреварот, од таборот на Шкендија Арачиново изразија големо незадоволство од судењето, поставувајќи низа прашања до спортската јавност и институциите. Тие отворено се сомневаат во регуларноста, прашувајќи дали е нормално исходот на сезоната да зависи од поединечни одлуки и дали има смисла да се натпреваруваат во лига каде, според нив, судењето има пресудно влијание.
Особено беше посочено судењето на Фатмир Бафто, за кое клубот побара анализа од Фудбалска федерација на Македонија, оставајќи федерацијата сама да донесе конечен заклучок.
И покрај револтот, од Шкендија испратија и јасна порака – клубот нема да се предаде. Потенцираат дека борбеноста отсекогаш била нивен заштитен знак и дека ќе продолжат да се борат до крајот на сезоната, без разлика на предизвиците.