Утре е Велики Четврток, пред изгрејсонце ќе се вапсуваат првите црвени јајца

Со станување во рани зори и вапсување на јајцата пред изгрејсонце, утре домаќинките го започнуваат Велики Четврток, ден кога се будат најстарите обичаи.

Првите три јајца се бојат во црвено, и не се јадат за Велигден. Се чуваат цела година, како заштита на домот.

Со првото јајце, велат постарите, се поминува по лицето – за здравје, за сила, за „црвено, бело“ лице, симбол на живот и убавина.

Во некои краеви, утринската вода во која стоело црвеното јајце се користи за миење – ритуал што, според верувањето, носи здравје и чистота во текот на целата година.

Не е важен само обредот, туку и зборот. Тивко, низ домот се повторува желбата – да има здравје, мир и бериќет.

Овој ден не е само подготовка за Велигден. Тој е жив доказ дека традицијата сè уште се пренесува – не преку книги, туку преку рацете на домаќинките и спомените на постарите.

Велики Четврток – ден кога едно обично јајце станува чувар, лек и симбол на животот што продолжува.

Инаку светата православна црква за утрешниот ден предвидела света василева литургија, на која се споменува за миењето на нозете на христос на апостолите и за востанувањето на светата тајна ефхаристија. На овој ден се служи и маслосвет, кој се прави еднаш во годините во црквите или по потреба за болни луѓе. Важно е оние кои што ќе отидат да понесат масло за да им се освети и да си го вратат дома осветено, за нивните духовни потреби. Вечерта се служи бдение со читање на 12 те страдални евангелија на Христа, на кој се гледа како Јуда го предава Христа, а потоа истиот е мачен и распнат за нашето спасение. Се изнесува и светото распетие на истата богослужба, со што верниците можат да се поклонат на чесниот Христов крст.

Иван Митев, М-Нет