
Фудбалерите на Брегалница ја имаат најдобрата форма во Втората македонска фудбалска лига според формата од последните пет натпревари. „Сините“ на Влатко Костов имаат пет од пет односно пет победи во низа и освоени 15 бодови.
Брегалница го доби Новаци со 1:3 во гости, дома беше подобра со 3:1 против Каменица Саса, следуваше убедлива победа од 0:3 над Преспа во Ресен, а потоа четата на Костов забележа две минимални победи но над конкурентите за титулата. Над Охрид од 1:0 и против Скопје од 0:1 во Автокоманда.
Последните две победи добиваат на голема тежина, бидејќи се над екипи кои се директни конкуренти на Брегалница за првото место кое директно води кон Прва лига.
Костов во досегашната тренерска кариера успеа да ги внесе од Втора во Прва лига екипите на Пелистер, Осогово, Куманово, Брегалница и Хоризонт Турново, а сега се обидува тоа да го направи по вторпат со Брегалница за вкупно шести негов таков успех во кариерата.
До крајот Брегалница ќе игра со Големо Коњари на домашен терен, следува гостува во Радовиш кај Детонит Плачковица, на домашен терен со Слога Виница.
Потоа ќе следува дерби против Беласиц во Струмица, па доаѓа Шкендија Арачиново во Штип. Во претпоследното коло Брегалница ќе гостува во Кочани кај Осогово, а во последното коло на домашен терен против Победа.
Брегалница го дели врвот во Втора лига со Охрид и Шкендија Арачиново со по 52 бодови, а Скопје е четврти со 50 бодови.
Александар Ванев, М-Нет