Славиќ нов чувар на мрежата: Хрватскиот репрезентативец пристигнува во Охрид


ГРК Охрид го комплетираше првото засилување за следната сезона, ангажирајќи го искусниот хрватски голман Дино Славиќ. Триесет и тригодишниот чувар на мрежата стави потпис на договор на најмалку две години и ќе го носи дресот со број 12.
Славиќ во Охрид доаѓа од француски Лимож, каде што мина три сезони, а во својата кариера настапуваше и за реномираните Загреб и Адемар Леон. Зад себе има и значајни настапи во дресот на хрватската репрезентација, што дополнително ја потврдува неговата класа и искуство.
Во првата изјава по потписот, Славиќ не ја криеше мотивацијата за новиот предизвик.
„Охрид го гледам како сериозен и амбициозен проект. Разговарав со луѓето од клубот и со неколку играчи, и тоа ми помогна да ја донесам одлуката. Имав и други понуди, но тука препознав напредок и јасна визија. Среќен сум што ќе бидам дел од оваа приказна и се надевам дека ќе помогнам во остварување на целите“, изјави Славиќ.
Тој додаде дека квалитетот на македонската лига е во постојан пораст, а настапите на европска сцена ќе бидат дополнителен мотив за целиот тим.