За десетина дена почнува сеидбата на оризот во кочанско, ама драстично поскапа за земјоделците

За десетина дена треба да започне сеидбата на оризот во кочанскиот регион. Но, оваа година сеидбата ќе биде драстично поскапа за самите земјоделци, бидејќи зголемена е цената на нафтата, ѓубривата и препаратите. Ако пред половина месец пресметките покажуваа дека производната цена на оризовата арпа треба да биде од 25 до 27 денари, денеска е зголемена за 8 до 10 денари. Во спротивно одгледувањето на ориз нема да биде исплатливо за самите земјоделци. Од националната мрежа на земјоделци велат дека годинава ќе биде тешко, иако има доволно вода за сеидбата да започне навремено.

„Спрема она што го имавме со цените пред 15 дена, еден килограм оризова арпа кажавме дека ќе чини некаде околу 25 до 27 денари. Денеска веќе чини 30 до 35 денари. Како што гледаме дека секојдневно се качуваат цените очекуваме дека не можеме да влеземе во производство, така да тешко ќе биде. 35 денари најмалку ќе не чини производната цена на оризовата арпа.“ – вели Максимов.

Дополнително, голем дел од оризот остана фрлен, бидејќи се жнееше доцна, дури во јануари годинава, немаше можност да биде исушен, а со тоа остана и неупотреблив. Заради тоа земјоделците останаа без ориз и без пари и покрај фактот дека вложиле, потрошиле, а не заработиле.

„Откупувачите заедно со фабрикантите извршија силен притисок врз земјоделците, посебно кај оние земјоделци кои имаа ожнеано покасно оризова култура, беше влажна, не беше добра и не сакаа да им ја исушат. Бидејќи само тие имаат индивидуални сушари, ги уценуваа и затоа дојде онаа цена од 18 денари. Голем дел од оризот мораше да се фрли.“ -додава Максимов.

Пред два дена оризарите од кочанско имаа средба и со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство. Очекуваат видливи резултати, односно цена на оризовара арпа. Велат дека белиот ориз по маркетите достигнува цена и до 150 денари за килограм, а откупната цена на оризовата арпа падна и на 18 до 20 денари. Ако се направи споредба во 2024 година оризовата арпа се откупуваше по цена од 40 денари, а белиот ориз по маркетите се продаваше по цена од 80 денари за килограм.

Лаура Стојанова-Ќирчов, М-Нет