
Фаворитите одиграа според планот во рамки на 5. коло на плеј-офот на Првата кошаркарска лига, откако водечката четворка која води борба за влез во Супер лигата беше перфектна со нови победи.
Во Штип нема бодови за противниците – тимот на Соколи стигна до уште една победа откако во салата „Јордан Мијалков“ уште еднаш го доби тимот на Охрид, овој пат со резултат од убедливи 99:70.
Штипјани стигнаа до деветтиот триумф, а петти во оваа фаза од Првата кошаркарска лига. Домаќинот пред верната публика имаше одлична втора и последна четвртина во кои го скрши отпорот на противникот од градот покрај езерото.
Нацевски реализираше 19 поени, а пак Хамилтон и Караколев уфрлија по 15 поени, додека пак кај охриѓани најдобар беше Донаковски со 14 и Бојовски со 12 поени.
Струмица лесно го совлада тимот на Вардар откако со 84:66 славеше над Вардар на домашен паркет. Димитар Пандев беше неверојатен на терен со постигнаи 43 поени, а пак Александровски имаше 20 поени, кај Вардар прв беше Терзиевски со 19 поени.
Борец Баскет буквално го декласираше тимот на Водно Санс во секој сегмент од играта со резултат од 112:65. Гостите немаа капацитет ниту на момент да парираат, а домаќинот до овој триумф беше предводен од Трпески со 26 поени, а Јанг имаше 17, кај гостинот Лазаров и Ванчов имаа по 11 поени.
Бутел не виде мака против Мега Баскет и го збриша со 101:77, а скопскиот тим стигна до уште една победа со над 100 поени. За домаќинот Атанасов имаше 26 поени, а Хот имаше 17. За гостинот од Прилеп 19 поени уфрли Димитриевски.
Во плеј-офот водечката четворка составена од Бутел, Соколи, Струмица и Борец Баскет имаат по 19 бодови, Мега Баскет и Вардар го делат петтото место со по 15 бодови, додека пак Водно Санс и Охрид се во долниот дел со по 13 бодови.
Во плеј-аутот каде се разигрува за опстанок екипата на Младинец стигна до многу важен триумф, откако тимот од Драчево го совлада Овче Поле на домашен терен со 107:99.
Шуменковски го водеше Младинец до овој голем и важен триумф во борбата за опстанок со 35 поени, а Креспос имаше 21 поен. За гостинот Стојменов реализираше 32 поени, но не доволно за триумф.
Лидерот Тетекс очекувано го доби Спортисимо со 82:61, гостинот кој се бори за опстанок немаше сили за изненадување против фаворитот. Во Струга екипата на Црн Дрим славеше над струмички Ролинг со резултат од 94:67, а со тоа продолжува борбата на струмичани за опстанок во Првата лига.
Тетекс е на врвот на табелата во плеј-аутот со 17 бодови, втор е Црн Дрим со 15, а трет е тимот на Овче Поле од СветиНиколе со 14 бодови. Екипат ана Младинец изби на четвртото место со 12 бодови, колку што има и Ролинг од Струмица кој е петти, а пак на дното со 11 бодови е Спортисимо.
Александар Ванев, М-Нет