
Денеска се одиграа натпреварите од 20. коло во Втората македонска фудбалска лига, во кое фаворитите во најголем дел ја оправдаа улогата и стигнаа до нови бодови.
Екипата на Брегалница на домашен терен ја совлада Саса со 3-1. Резултатот го отвори Костадин Капсаров од пенал, а Ристе Темелков зголеми на 2-0. Гостите намалија на 2-1 пред паузата со гол на Бурим Алиев, додека Капсаров со својот втор погодок во второто полувреме ги постави конечните 3-1.
Убедлив триумф оствари и Скопје, кој на гостувањето во Прилеп ја совлада Победа со високи 0-5.
Минимални победи забележаа Шкендија Арачиново, која со 1-0 го совлада Детонит Плачковица, како и Охрид, кој со истиот резултат славеше на гостувањето кај Кожуф во Гевгелија.
До три бода стигна и Осогово, кој славеше против Големо Коњари со 2-0, додека Беласица беше сигурна на домашен терен и со 3-0 ја совлада Слога Виница.
Вардар Неготино со 2-1 ја победи Преспа, а со ист резултат Тетекс славеше против Новаци на домашен терен.
Александар Ванев, М-Нет