Николовски: Со долготрајни визи кои ќе ги издаваат државите од шенген зоната ќе се регулира престојот на македонските возачи

Во континуитет се следи ситуацијата со превозниците, секој четврток се одржуваат состаноци со помош на кои треба да се стави крај на проблемите со кои се соочуваат македонските возачи. Како што истакна министерот за транспорт и врски, Александар Николовски, денеска од Кочани, се прават реални напори за надминување на проблемот на превозниците во шенген зоната.

„Методолошки да знаете, на наш притисок Европската комисија предвреме ја објави визната стратегија, секој четврток има такви состаноци, тие се на техничко ниво каде учествуваат експерти од Македонија и разговараме за изнаоѓање на решение. Се работи во канцеларија, со документи и ќе апелирам да гледаме ние да си го решиме нашиот проблем“ – вели Николовски.

Со долготрајни визи кои ќе ги издаваат државите од шенген зоната ќе се регулира престојот на македонските возачи. Засега такви се издаваат од Швајцарија, а најава има и од Хрватска.

„Решението се движи во издавање на долгорочни, долготрајни визи кои треба да значат регулиран престој на сите наши превозници кои влегуваат во шенген зоната“ – додава Николовски.

Системот влегува во сила во април месец, за превозниците од Македонија ќе биде одложен до септември и дотогаш треба да има решение, посочи Николовски.

Лаура Стојанова-Ќирчов, М-Нет