Започна хортикултурното уредување на кругот на кочанската болница со што ќе се овозможат и повеќе паркинг места

Започна хортикултурното уредување на дворот во кочанската Општа болница, се работи на отстранување на густата вегетација, а просторот дополнително е осветлен. Во наредните денови ќе започне и асфалтирање на улицата пред болницата со што пациентите полесно ќе може да го користат самиот простор пред и позади болницата.

„Најпрво ќе се работи само на дворот, а потоа етапно ќе се уредува и болницата. Ама дополнително ќе бидат известени сите амбуланти за начинот на активности и движењето“ – вели Паниќ Мирчевска.

Со целосно уредување на кругот на болницата ќе се обезбедат дополнителни паркинг места како за вработените, така и за пациентите, а во наредниот период ќе започне и демонтажа на модуларната болница која е поставена во дворот на кочанската болница.

„По комплетирање на техничката документација ќе следи демонтирање на модуларната болница и ќе добиеме паркинг места. Во иднина ќе поставиме и урбана опрема која уште повеќе ќе го зголеми бројот на паркинг места во кочанската болница„ – вели Грозданов.

Министерот за здравство кој денеска беше во посета на кочанска болница, посочи дека работат на три главни столба, инфраструктура, технологија и човечки капацитети со цел да се врати довербата во здравството.

„Пристапот и инфраструктурата не е само внатрешниот, туку и надворешниот дел од болницата како и пристапот со цел пациентите да може навремено да најдат паркинг место и да се паркираат.“ – вели Алиу.

Согласно активностите на терен се очекува уредувањето на кругот на кочанската болница да биде завршен во рок од еден месец.

Лаура Стојанова-Ќирчов, М-Нет