Завршува рокот за изградба на хидроцентрала на река Блатешница, жителите со барање концесијата да се раскине

Денеска завршува рокот кој Владата му го даде на концесионерот за изградба на хидроцентрала на река Блатешница, а во меѓувреме не започнаа никакви градежни активности. Жителите на село Блатец пред три дена испратија официјално барање до Владата, преку кое се надеваат дека концесијата нема да биде продолжена и на тој начин нема да се изгради хидроцентралата. Како што велат посочени се три главни причини на кои се потпираат со цел да нема продолжување на концесијата, а со тоа ќе го заштитат водоводот, каналот за наводнување и животната средина.

„Денеска е 7 март, ден кој што беше предвиден како последен ден на кој Владата даде рок на концесионерот да започне со градба на хидроцентрала на реката Блатешница, меѓутоа ние секако се спротивставувавме до последниот ден. Ние заокружувајќи го последниот период од овие активности што ги имавме, направивме едно барање до владата и на 4 март го доставивме официјално барањето до владата. Барањето е договор за раскинување на договор за концесија за изградба на вода за изградба на мали хидроцентрали за производство на електрична енергија. И во ова барање вклопивме три причини кои треба да ги земе влада во предвид за да може да ја раскине оваа концесија на река Блатешница и трајно да се зачува реката како река која што треба да ги опслужува жителите на Блатец.“ – вели Блажевски.

Се надеваат дека во најбрз можен рок ќе добијат одговор кој го очекуваат со што ќе се стави крај на изградбата на хидроцентрала на река Блатешница. Во меѓувреме истакнаа дека будно ќе ја следат ситуацијата на терен.

„Се надеваме дека во најкраток можен рок ќе добиеме одговор кој ќе биде круна на целата таа наша борба“ – додава Блажевски.

На празникот Свети Трифун жителите од Блатец со жив штит го бранеа просторот, се цел да не започне изградбата на хидроцентралата. Организираа и двочасовен протест со блокада на патот Виница Берово, а поддршка добија и од невладини здруженија и организации како и од градоначалникот на Општина Виница.

Лаура Стојанова-Ќирчов, М-Нет