
Популарниот „Џексон“ во Штип го добива новиот современ лик, а штипјани ќе добијат спортски центар по највисоки стандарди, на кој активно се работи.
Спортскиот центар ќе има капацитет од 1.100 гледачи со тристрано следење на натпреварите, со ФИБА подлога, а „Џексон“ ќе биде наменет за натпревари, а не како тренинг центар, со цел спортскиот центар да се сочува и да не се амортизира толку брзо.
Сите стандарди и спецификации се запазени, а „Џексон“ ќе има можност да биде домаќин на натпревари од највисок ранг – кошарка, одбојка, ракомет. Покрај натпреварите, самиот спортски центар може да биде домаќин и на други манифестации како и турнири во други спортови како карате, бокс и борење.
Самиот спортски храм ќе располага и со помошни простории кои ги задоволуваат потребите на едно натпреварување од висок ранг.
Штипјани за многу брзо време ќе го добијат спортскиот храм со што спортските клубови во градот ќе добијат значително подобри услови за натпреварување, место каде ќе се играат и европски натпревари, а на голема радост на верната публика. Локалната самоуправа дава силна поддршка и останува посветена на спортот и спортската инфраструктура со што и дефинитивно значително се развива и подобрува истата, а градот под Исарот важи за град на спортот.
Александар Ванев, М-Нет