
ФК Арсими продолжува активно да го засилува тимот во пресрет на продолжението од сезоната, откако клубот промовираше две нови имиња – повратникот Арлинд Алити и шпанскиот играч за врска Маркел Гони Ибаргурен.
Алити се враќа во редовите на жолто-црните по кратка авантура во косовски Вëљазними. Станува збор за крилен дефанзивец кој веќе остави силен впечаток во дресот на Арсими и беше меѓу позаслужните за историскиот успех и пласманот на тимот во Првата лига. Во клубот веруваат дека неговото искуство и борбеност повторно ќе бидат важен адут во претстојните натпревари.
Новитет во средниот ред е Маркел Гони Ибаргурен, фудбалер од Шпанија кој во кариерата настапувал за неколку познати клубови, меѓу кои Реал Сосиедад, Рајо Кантабрија, Замора и Аренас, а има и интернационално искуство од Кипар, каде што го носеше дресот на Ахиронас. Ибаргурен со Арсими потпиша договор на една и пол година и се очекува да донесе креативност и стабилност во играта на тимот.