Работнички храбар, ТФТ посмирен – лидерот славеше во „Независна Македонија“

фото: КФМ

Во динамичен и резултатски неизвесен натпревар, исполнет со серија пресврти и висок ритам, лидерот на табелата ТФТ успеа да дојде до нов триумф, совладувајќи го мотивираниот состав на Работнички со 88:84, во дуел одигран во салата „Независна Македонија“.

Работнички одлично го отвори мечот и со агресивна игра во нападот ја освои првата четвртина (29:26), најавувајќи дека нема лесно да му се предаде на лидерот. Сепак, „црно-белите“ брзо го најдоа својот ритам во втората четвртина, каде со подобра одбрана и поефикасен напад направија пресврт и на полувреме заминаа со солидна предност од 49:42.

Кај гостите, првото полувреме го одбележаа прецизните шутеви од далечина – Зафиров беше без промашување за три поени (3/3) и заврши со 11 поени, колку што имаше и Сомервил. Од спротивната страна, Рикиќ и Ефремовски беа носители на играта на „црвено-белите“, комбинирајќи 21 поен во првите 20 минути.

Второто полувреме започна со силен налет на Работнички. Предводени од расположениот Ефремовски, кој за краток период реализираше 12 поени, домашните направија серија и поведоа со убедливи 63:54, кревајќи ја публиката на нозе.

Но ТФТ покажа зошто е лидер. Со серија од 12:2 до крајот на третата четвртина, гостите повторно ја презедоа контролата и во последните десет минути влегоа со минимална предност (66:65).

Финишот донесе вистинска драма. На нешто повеќе од три минути до крајот, Работнички преку Рикиќ поведе со 82:79, но токму тогаш искуството и смиреноста на ТФТ дојдоа до израз. Гостите одиграа завршна серија од 9:2, во која клучна тројка погоди младиот Иванов, а победата ја запечати поискусниот Говенс со уште еден прецизен шут од дистанца.

Во победничкиот тим, Ташовски и Дејвис реализираа по 20 поени, Сомервил заврши со 13, а Зафиров со 11 поени, сите постигнати во првото полувреме.

Кај Работнички, Ефремовски и Рикиќ беа најефикасни со по 24 поени, додека Робев одигра одличен натпревар со 18 поени, 11 асистенции и 5 скока. Своj придонес даде и Наков со 10 поени и пет асистенции.

И покрај поразот, Работнички покажа дека во вториот дел од сезоната е сериозен и конкурентен тим, додека ТФТ уште еднаш ја потврди лидерската позиција и менталната цврстина во клучните моменти.