
Кошаркарскиот клуб КК Борец Баскер Велес информираше дека нивниот кошаркар Дерик Елис Јуниор по натпреварот од 14. коло ќе го напушти клубот и ќе се врати во Соединетите Американски Држави.
Како што соопштуваат од клубот, причината за заминувањето се процедурални и административни ограничувања, поради кои Елис Јуниор не е во можност да го продолжи својот престој и настап во Македонија. Со тоа, Борец останува без своето прво странско засилување, кое во изминатиот период даде значаен придонес во играта на „црвено-белите“.
Од клубот упатија отворена покана до сите љубители на кошарката и спортот во Велес, во недела со почеток од 17:00 часот да ја исполнат салата СЦ Гемиџии и со полни трибини да го испратат кошаркарот кој остави силен впечаток со својата борбеност и професионален однос.
Натпреварот од 14. коло ќе има и посебна емоционална димензија, бидејќи ќе биде последен настап на Елис Јуниор во дресот на Борец пред велешката публика. Во клубот веруваат дека поддршката од навивачите ќе биде најдобриот начин за достојно збогување и уште еден доказ за спортскиот дух на Велес.