Прволигашите влегуваат во финални подготовки, но продолжуваат со нови засилувања!

Оваа зима дури девет прволигаши заминаа на зимски подготовки во странство, а само три останаа да се подготвуваат дома.

Подговките влегуваат во самиот финиш, а екипите ќе одиграат уште една до две контролки пред стартот на пролетниот дел во Прва лига.

Вардар, Струга, Шкендија, Силекс, Тиквеш и Пелистер се подготвуваат во Турција, Арсими и Башкими ја темпираа формата во Хрватска, додека пак Брера Струмица беше во Грција, а пак Македонија ЃП, Работнички и Шкупи останаа дома.

Во текот на вчерашниот ден дел од македонските прволигаши одиграа пријателски натпревар – Силекс ремизираше без голови против украинскиот тим Кудривка, прволигашот Работнички со 1:2 загуби од второлигашот Шкендија Арачиново, а овие две екипи ќе се соочат и во четвртфиналето од Купот на Македонија.

Тиквеш имаше минимална победа од 1:0 над Токтогул, тим од шампионатот на Киргистан.

Во однос на трансферите кај прволигашите – Арсими промовираше две засилувања. Се работи за Џелил Абдула искусен дефанзивец кој доаѓа од прволигашот Македонија ЃП, како и напаѓачот Фахад Бајо кој доаѓа на позајмица од Вардар.

Абдула е искусен фудбалер кој во македонскиот шампионат покрај за „лавовите“ од Ѓорче беше дел и од Шкендија со која има шампионска титула, Еуромилк ГЛ, Ренова, Шкупи и Гостивар, а меѓународна кариера градеше во Холандија, Германија и Косово.

Бајо во Арсими доаѓа на шестмесечна позајмица од Вардар, тој е репрезентативец на Уганда, а покрај за екипи од родната земја, беше дел и од екипи од Занзибар, Израел, Чешка и Етиопија.

Меѓу поактивните прволигаши со промоција на нови играчи е и Башкими, кој последно го промовираше Никел Роналдо Ор – 24-годишен офанзивец, а тимот од Куманово не ја исклучува можноста за уште некое засилување.

Можност за уште некое засилување има и во редовите на Брера, каде последно промовиран беше Јан Куаку, станува збор за 26-годишен напаѓач.

Пролетната полусезона во Првата лига започнува на 7 февруари, со натпреварите од 17. коло, а во кое Брера Струмица дома ќе игра со Македонија ЃП, Пелистер ќе го пречека Работнички, дербито ќе се игра во Тетово меѓу Шкендија и Струга Трим Лум, а овие екипи ќе играат и во четвртфиналето од Купот.

Шкупи ќе игра против Тиквеш, Силекс во Кратово ќе биде домаќин на Башкими, а пак непоразениот есенски шампион Вардар на домашен терен ќе игра против дебитантот Арсими.

Александар Ванев, М-Нет