
Неколку екипи кои се натпреваруваат во Третата македонска фудбалска лига започнаа со зимските подготовки, а останатите екипи ќе стартуваат во следниот период.
Едно е сигурно – познати се екипи кои сериозно ќе се борат за влез во Втора лига, односно најпрво да го потврдат првото место и да бидат шампиони во своите третолигашки региони, а потоа да го поминат баражот како последна пречка и на тој начин да се изборат за влез во Втората лига за сезона 2026/2027.
Во секој регион веќе има екипи кои се одвојуваат околу првата позиција, но има и региони каде ќе биде неизвесно со по неколку екипи во таа трка за да се фати второлигашки бараж.
Во Трета лига – Исток борбата за првото место ќе ја водат непоразениот лидер Победа од Валандово, Ударник и Овче Поле од Свети Николе. Од сенка може да се случи Хоризонт Турново да се обидува за прва позиција, но има сериозна бодовна негатива. Тоа што за некогашниот прволигашот од Турново дава надеж е тоа што имаат еден натпревар помалку во однос на останатите екипи, па доколку го добијат мечот со Рудар од Пробиштип би имале 19 бодови, но во таков случај ќе имаат негатива од девет бодови во однос на лидерот Победа, па ќе биде тешко да се надокнати таква бодовна разлика во пролетниот дел – па фокусот останува меѓу Победа Валандово, Ударник и Овче Поле од Свети Николе.
Во Трета лига – Север работите се покристални – лидер е Еуромилк ГЛ со 37 бодови и некогашниот прволигаш е на добар пат да биде шампион и да игра бараж за Втора лига, најблиску до тимот од Горно Лисиче е БВК Коњаре кој е втор со 32 бодови, а веќе Аеродром е трет со 30 бодови.
Еуромилк ГЛ зависи сам од себе во трката за првата позиција на патот кон баражот за Втора лига.
Во Трета лига – Југ само две екипи ќе се „тркаат“ до крај на патеката која води до баражот за Втора лига, тоа се Превалец и ланскиот второлигаш Борец кои со по 31 бод го делат првото место, останатите екипи се далеку од можност за прва позиција.
Во Трета лига – Запад екипата на Камјани е на лидерското место со 27 бодови и тимот одлично го трасира патот кон баражот за Втора лига, а како конкуренти на овој тим се Влазрими кој е втор со 22 бодови и Вардар од Брвеница кој е трет со 21 бод. Од сенка може да напаѓа кичевски Напредок кој е четврти со 19 бодови.
Најнеизвесно ќе биде во Трета лига – Југозапад, таму повеќе екипи се во трка за првото место, па тука до последното коло ќе се решава кој ќе биде шампион и ќе игра бараж за Втора лига.
Струшките екипи Караорман и Влазними, потоа Крави, Славеј и Могила ќе бидат во трка за првото место, а меѓу нив има само три бодови разлика.
Како што е познато шампионите на Трета лига немаат директен влез во Втора лига, туку играат бараж, кој доколку го добијат им се овозможува влез во второлигашкото друштво.
Александар Ванев, М-Нет