Женскиот кошаркарски Куп ќе се игра во Македонска Каменица, машкиот во Куманово

Женскиот кошаркарки Куп „Благоја Георгиевски – Буштур“ ќе се игра во Македонска Каменица, откако женскиот кошаркарски клуб Баскет Кам од малото рударско гратче ја доби организацијата за финалниот турнир.

Како што истакнаа од Кошаркарската федерација на Македонија, раководството на Баскет кам кој е актуелен шампион, пројавил интерес за организација на националниот кошаркарски Куп, при што биле исполните условите поставени од јавниот повик за организација на финалниот турнир.

Четири најдобри екипи во женска конкурнеција – домаќинот Баскет Кам, Крива Паланка, Бадел и МЗТ Бела Вода ќе ги одмерат силите во Македонска каменица на 21 и 22 февруари.

Полуфиналните двојни ќе се играат на 21 февруари, победниците ден подоцна ќе се соочат во големото финале, по што ќе се добие освојувачот на Купот на Македонија во женска конкурнеција. Натпреварите ќе се играат во спортската сала „Кирил и Методиј“ во Македонска Каменица.

Малото рударско гратче ќе биде домаќин на кошаркарски спектакл, каде сите љубители на кошарката, навивачите на четири екипи кои ќе се борат за Куп титулата ќе пристигнат во Македонска Каменица и ќе проследат возбудливи натпревари.

Националниот Куп „Благоја Георгиевски – Буштур“ во машка конкуренција годинава ќе се одигра во Куманово, откако кошаркарскиот клуб МКК Куманово ја доби организацијата откако клубот пројави интерес и за организација на Купот и ги исполни условите кои беа потребни согласно јавниот повик.

Согласно распоредот Купот ќе се одигра во период од 13 до 15 февруари, а во трката за Куп титулата ќе бидат осум екипи – покрај домаќинот МКК Куманово ќе се натпреваруваат и ТФТ, МЗТ Скопје Аеродром, Кожув, Пелистер, Маџари, Работнички и Феникс.

Натпреварите ќе се играат во спортската сала во Куманово, четвртфиналето е закажано за 13 февруари, а во рамки на истото ТФТ ќе игра со Феникс, големото дерби ќе го одиграат МЗТ Скопје Аеродром со Работнички, Кожув ќе оди на мегдан со Маџари, а пак Пелистер со МКК Куманово.

Победниците од четвртфиналните средби ќе играат во полуфиналето кое е закажано за 14 февруари, а пак големото финале ќе се игра на 15 февруари.

Александар Ванев, М-Нет