
Кошаркарите на МЗТ Скопје на најдобар можен начин ја отворија втората фаза од првенството, совладувајќи го на гостински терен тимот на КК Маџари ГБ со 87:76. „Плаво-белите“ уште од стартот ставија до знаење дека амбициите остануваат највисоки – одбрана на шампионската титула и доминација во домашното натпреварување.
Натпреварот започна израмнето, со цврста игра на двете страни во првата четвртина, но клучниот момент се случи во вториот период. МЗТ уфрли во повисока брзина и со серија од 18-2 направи осетна разлика, која потоа рутински ја одржуваше до самиот крај на средбата.
Најрасположен во редовите на шампионот беше Марин Петков, кој одигра фантастичен натпревар и го заврши дуелот со 26 поени, пет тројки од седум обиди, шест скока и седум асистенции. Одлична поддршка имаше од Илајџа Мекејден со 13 поени, Душан Танасковиќ со 11 поени и девет скока, како и од искусните Војдан Стојановски и Чарлс Гил, кои додадоа по 10 поени.
Веќе во среда, „плаво-белите“ ги очекува нов сериозен предизвик – дуелот против КК Подгорица во салата „Јане Сандански“, во рамки на претпоследното коло од регуларниот дел на АБА 2 лигата, каде што тимот ќе бара уште една важна победа пред својата публика.