
Фудбалскиот клуб Силекс официјално го претстави Михаил Димитриевски како ново засилување во зимскиот преоден рок. 23-годишниот фудбалер во Кратово пристигнува од редовите на Работнички од Скопје и ќе биде дел од тимот во продолжението од сезоната.
Димитриевски е универзален играч кој ги покрива крилните позиции, како во офанзивата, така и во дефанзивната линија, од двете страни на теренот. Во есенскиот дел од шампионатот настапуваше за Работнички, каде што стекна значајно искуство во прволигашката конкуренција.
Во својата досегашна кариера, новото засилување на Силекс има настапувано и за Њу Старс, Локомотива, Пехчево и Брегалница, а зад себе има и значајна минутажа во Првата македонска фудбалска лига, со вкупно 100 одиграни натпревари.
Од таборот на Силекс очекуваат Димитриевски да донесе дополнителна енергија, брзина и ширина во играта, со што ќе придонесе кон остварување на целите на клубот во вториот дел од сезоната.