
Македонската ракометна репрезентација со луд финиш одигра неверојатен натпревар во кој ремизираше со фаворизираната Португалија играјќи 29:29 во рамки на второто коло од Европското првенство.
Неверојатен натпревар одиграа ракометарите на селекторот Кирил Лазаров од минус пет до реми и можност за победа. Последните секунди неверојатни, малку фалеше нашата репрезентација да триумфира и со сигурност да патува во главната фаза, вака останува надеж за следна фаза во која ќе се гледа гол разликата.
Првиот дел го одбележа црвениот картон на Маркоски, па тоа како да го наруши самиот ритам во нашите редови, а Португалците на полувреме имаа 13:15.
Посериозен проблем за Македонија беа и повредите на Џонов и Петар Атанасијевиќ, па мораше да се ротира во нападот. Лошо го отворивме второто полувреме, а Португалија казни за 13:18.
Капитенот Филип Кузмановски одигра врвен меч со 15 гола ја предводеше Македонија со вистинска драма која на крај заврши без победник и поделба на бодовите – резултат беше 29:29.
Мисијата за следна фаза е тешка – ќе мораме да ја добиеме Романија што е можно поубедливо, а пак да се надевам дека Данска ќе ја декласира Португалија. Во првото коло ние од Данска загубивме со 12 разлика, додека пак Португалија славеше над Романија со плус шест, што значи Португалците имаат +6, а ние имаме минус 12.
Ќе биде тешко, но сепак ремито дава надеж до последно дека може да се случи чудо и да обезбедиме главна фаза на Европското првенство.
Александар Ванев, М-Нет