Со убедливо мнозинство „за“, граѓаните на Кочани согласни споменикот за загинатите во „Пулс“ да биде поставен во Стар парк

Со убедливо мнозинство гласови „за“, граѓаните на Кочани ја поддржаа иницијативата Стар парк да биде локација за спомен-обележјето „Патека на бесконечноста“, посветено на младите кои трагично загинаа во пожарот во дискотеката „Пулс“. Поддршката беше искажана и преку јавна анкета и на јавната трибина што ја организираше Општина Кочани, при што беше најавено дека спомен-обележјето ќе биде завршено до годишнината од трагедијата.

По заклучок на Советот на Општина Кочани, градоначалникот Владко Грозданов организираше јавна трибина по иницијатива на Здружението на граѓани „16 март 2025 – Кочани“, со цел утврдување на локацијата за изградба на спомен-обележје.

Како предложена локација беше разгледуван просторот познат како Стар парк, на триаголникот помеѓу улиците „Браќа Ставреви“ и „Кеј на револуцијата“.

Со цел и кочанчани бидат согласни за целата реализација, општината во периодот од 2 до 11 јануари спроведе јавна анкета преку дигиталната алатка мЗаедница. На првото прашање – дали се согласуваат Стар парк да биде определен како локација за спомен-обележјето – одговориле 260 граѓани. Од нив, 82 проценти се изјасниле „за“, додека 18 проценти биле против предлогот.

На второто прашање, опис на мислењето во врска со иницијативата, одговориле 132 граѓани. Од нив, 63 проценти ја образложиле својата согласност со иницијативата, 19 проценти не дале образложение, 0,05 проценти повторно се изјасниле дека не се согласуваат,

На трибината исто така беше спроведнено и дирекно анкетирање на учесниците. Од вкупно 53 учесници кои пополниле анкетни листови, сите се изјасниле дека ја поддржуваат предложената локација.

Претседателот на Здружението „16 март 2025 – Кочани“, Александар Наунов, пред присутните ја образложи идејата и симболиката на спомен-обележјето „Патека на бесконечноста“, по што граѓаните имаа можност да поставуваат прашања, да ги искажат своите ставови и да дадат предлози.

Граѓаните имаа можност на јавната трибина да ги искажат своите мислења, да прашуваат и да предлагаат, а градоначалникот Владко Грозданов одговараше на нивните прашања и ја образложи неопходноста од трибината како форма за непосредно учество на граѓаните во донесувањето одлуки и можност за отворено сопоставување на различните мислења. Претседателот на Советот на Општина Кочани Александар Андов и присутните членови  претставници од советнички групи отворено ја изразија подготвеноста на следната седница да ја прифатат поднесената иницијатива на Здружението „16 март“, а градоначалникот Грозданов најави итни административни постапки со цел спомен-обележјето да биде завршено до годишнината од смртта на младите во пожарот во „Пулс“.

Иван Митев, М-Нет