Стевче Алушовски се врати дома – нов тренер на Еурофарм Пелистер до крајот на сезоната

Ракометниот шампион РК Еурофарм Пелистер влегува во 2026 година со нов почеток и добро познато име на клупата. Стевче Алушовски е именуван за нов шеф на стручниот штаб и ќе го води тимот до крајот на актуелната сезона.

Алушовски, кој има 53 години, по неколку години повторно се враќа во својот матичен клуб, овојпат во улога на тренер на актуелниот шампион на Македонија. Тој и претходно во два наврати го водеше битолскиот ракомет – како тренер на Пелистер и на Еурофарм Работник, а сега ја презема одговорноста да го предводи обединетиот проект Еурофарм Пелистер.

Прославениот поранешен репрезентативец и тренер и играчката и тренерската кариера ги започна во Битола, а на домашната сцена зад себе има ангажмани и во РК Вардар 1961 и РК Охрид, како и кратко искуство во Исланд. Неговото враќање во Битола се доживува како спој на искуство, авторитет и силна емоционална врска со клубот и навивачите.

Од Еурофарм Пелистер информираат дека прозивката на новиот тренер е закажана за среда (14 јануари) во 17:00 часот, кога Алушовски официјално ќе ја започне работата со екипата.

Со овој потег, битолскиот клуб испраќа јасна порака за стабилност и амбиции во продолжението од сезоната, верувајќи дека искуството на тренерот и познавањето на клубот ќе бидат клучни фактори во борбата за трофеи и успешни настапи.