
Со порака за заедништво и нов почеток, ФК Шкупи официјално најави старт на зимските подготовки. „Синo-белите“ од недела ја започнуваат подготовката за продолжението на сезоната, а првиот тренинг ќе се одржи на клупскиот стадион со почеток од 13:00 часот и ќе биде отворен за јавноста.
Од клубот потенцираат дека ваквиот потег е јасен сигнал за желбата новиот циклус да започне заедно со навивачите, кои ќе имаат можност одблиску да ја следат првата работна сесија на екипата во новата година.
Во соопштението се нагласува дека ова е почеток на сериозна и посветена работа, со примарна цел клубот да биде потранспарентен, поодговорен и континуирано да напредува во сите сегменти од функционирањето. Раководството и стручниот штаб веруваат дека со чесна работа, дисциплина и поддршка од трибините може да се изгради подобра иднина за клубот и за фудбалскиот Шкупи.
Зимските подготовки претставуваат клучен период за екипата, а атмосферата и поддршката од навивачите уште од првиот ден треба да бидат дополнителен мотив во борбата за исполнување на целите во продолжението од сезоната.