
Се асфалтира крак од обиколницата кој води кон викенд населбата Плуждино во Штип. Овој потег треба да биде завршен деновиве, а се работи и на поставување на тротоарски површини. Дополнително, во завршна фаза е тендерската постапка за изградба на мост на река Брегалница, кој ќе ги поврзува населните Железничка и Пребег.
„Ова е потег кој деновиве ќе биде изасфалтиран, уреден, се поставуваат и тротоарски површини, а во завршна фаза исто така е и тендерската постапка за изработка и поставување на мост на река Брегалница, кој ќе овозможи поврзување на обиколницата, кракот од Плуждино кон населба Железничка и Пребег. Станува збор за капитален проект кој верувам дека на среден и долг рок ќе овозможи развој на градот“ – вели Јорданов.
Во програмата за работа за наредната година освен овој мост, предвидено е да се изгради уште еден мост на Брегалница кој ќе ги поврзува населбите Баби и Балканска. Како што посочи Јорданов на ваков начин ќе се намали сообраќајниот метеж во градот.
„Ќе работиме на низа крупни капитални проекти со кој Штип визуелно и функционално ќе се промени. Освен мостот кој ја поврзува обиколницата предвидено е да биде изграден уште еден мост на Брегалница поврзувајќи ги населбата Баби со Балканска. Тоа ќе биде уште една сообраќајница која ќе го растерети метежот.“ – вели Јорданов.
Во меѓувреме се работи во повеќе населени места во Штип, со цел визуелно подобрување на градот, но и подобрување на условите за живот на граѓаните.
Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет