
Домашен ајвар, пинџур и жива салата пред нова година се продава на тезгата на чичко Данчо од селото Крупиште на штипскиот пазар, каде што купувачите сè почесто купуваат од него готово, наместо сами да подготвуваат. Традицијата полека се сели од домашните кујни на пазарните тезги. Недостатокот на време ги менува навиките на граѓаните. Домашното, чисто и природно, станува побарано и надвор од сезоната. Продавачот вели дека интересот не стивнува и покрај тоа што зимата е веќе почната.
Но зад полните тегли со зимница, стои макотрпна работа. Од садење пипер и домати во бавча, до печење, мелење и пржење. Вели не е лесно, но е предизвик за него и неговата сопруга.
Инаку, чичко Данчо секој петок е на пазарот во Штип и со топло срце и убав збор ги нуди своите производи на купувачите. Покрај зимница, продава и везен пипер, како и мед и пчелни производи од неговото родно место.
Иван Митев, М-Нет