
Започна проектот за каскадно уредување на река Брегалница на потегот кај мостот во село Долни Балван. На ваков начин ќе се регулира коритото на река Брегалница, а со тоа ќе намалат или целосно ќе се спречат оштетувањата на мостот кои беа честа слика изминатиот период особено во текот на зимата. Градоначалникот на Општина Карбинци, Виктор Паунов, истакна дека ќе се работи на потегот над и под мостот.
„Овде започнуваме со реализација на уште еден важен проект за Општина Карбинци, а тоа е регулација на река Брегалница со каскадно уредување на потегот над и под мостот. Ова е важно заради стабилизирање на речното корито“ – вели Паунов.
Над девет милиони денари се обезбедени за реализација на овој проект. Средствата се обезбедени од страна на Министерството за животна средина со кофинансирање од Општина Карбинци. Активностите треба да бидат завршени до крајот на оваа година.
„Да потенцирам дека овој проект е со финансиска конструкција од девет милиони денари, средства обезбедени од страна на Министерството за животна средина. Општина Карбинци учествува со кофинансирање во износ од 720 илјади денари. Очекуваме активностите да бидат завршени до крајот на оваа година“ – додава Паунов.
Пред три години врнежи од снег предизвикаа штета на мостот во село Долни Балван, со што овој потег беше затворен за сообраќај.
Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет