Штипските Соколи го загубија дербито со Бутел, дебакл на кошаркарите на Овче Поле во Струмица!

Прв сезонски пораз за кошаркарките на Соколи од Штип кој го загубија дербито во Скопје од екипата на Бутел со резултат од 77:71. Дербито на двете екипи кои претендираа влез во Суперлигата му припадна на скопскиот тим, а кое дерби беше од 4. коло на Првата кошаркарска лига.

Овче Поле од Свети Николе доживеа тежок дебакл во Струмица каде загуби од екипата на Струмица ФМП со убедливи 101:66, додека пак Борец Баскет со 55:83 беше подобар од Струмица Ролинг, а во рамки на групата Б слободна беше екипата на Спортсимо Баскет.

Во однос на табелата Струмица ФМП е прва со осум бодови, Соколи е втор со седум бодови, Бутел е трет со шест бодови, Овче Поле е четврти со пет бодови, четири бода има Борец Баскет кој е петти, а по три бода имаат Струмица Ролинг и Спортисимо Баскет.

Во однос на натпреварите од групата А екипата на Охрид го доби езерското дерби со Црн Дрим со резултат од 81:74, а пак Вардар со 76:69 беше подобар од Мега Баскет. Тимот на Тетекс ТТК го декласираше Младинец со 95:64, а пак Водно Санс беше слободен.

Вардар е прв со максимални осум бодови, Мега Баскет и Охрид го делат второто место со по седум бодови, а пак Црн Дрим и Тетекс го делат четвртото место со по четири бодови, а на дното се Водно Санс и Младинец со по три бода.

Александар Ванев, М-Нет