Голем пораз за фудбалерките на Кочани во дербито од дното со Речица, шампионот Љуботен до три бода со Саса

ФОТО: Александар Ванев

Фудбалерките на Кочани претрпеа тежок пораз на гостувањето кај Речица, откако загубија со високи 6:1 во дербито од дното на две екипи кои се борат за опстанок, а во рамки на вонредното 11. коло на Првата женска фудбалска лига.

Натпреварот беше од капитална важност и за двете екипи кои се обидуваат да ги избегнат последните две позиции, бидејќи последното место директно води кон испаѓање во Втора лига, а претпоследното место води кон бараж за опстанок во елитата.

Речица со доминантен меч го доби Кочани на убедлив начин и ги освои трите бодови со кој сега бодовно се одлепи на седмата позиција со седум бодови во однос на Кочани кој останува „закован“ на последното место со четири бодови.

Дербито во Тетово заврши со триумф од 2:1 за шампионот Љуботен кој славеше над Каменица Саса, а херој на мечот беше Александра Марковска која директно од слободен удар постигна гол во 89. минута за триумф на тетовскиот тим со што шампионот стигна до целиот „плен“. Гостинот од Македонска Каменица реагираше за досудениот слободен удар негираа дека имало игра со рака од нивна фудбалерка, а токму тој слободен удар го реши победникот во Тетово.

По мечот тренерот на Саса, Зоран Златковски доби црвен картон, а пак фудбалерката на гостинскиот тим, Драгана Костова доби жолт картон, додека пак фудбалерката на Љуботен, Хава Мустафа доби директен црвен картон.

Во Струга немаше победник екипите на Ас Јунајтед и Истатов ги поделија бодовите откако одиграа 1:1, додека пак убедлива победа забележа Скопје кој со 6:0 го декласираше Топ Гол на домашен терен.

Фаворитот Тиверија Брера забележа нов триумф откако со сигурни 1:3 славеше над Вардар во гости.

На врвот е шампионот Љуботен со 31 бод, втор е Скопје со бод помалку односно 30, а потоа следува Тиверија Брера со 24 бодови, а пак Ас Јунајтед е петти со 20 бодови. Каменица Саса е на петтото место со 18 бодови, а пак Истатов е шести со 17 бодови.

Потоа следува пресек на табелата каде Речица е седма со седум бодови, Вардар е осми со пет бодови, на претпоследното место во бараж зоната е Топ Гол со четири бодови, а четири бодови има и тимот на Кочани кој е на дното од табелата.

Александар Ванев, М-Нет