
На денешната конститутивна седница на Советот на Општина Штип со 19 гласа за и четворица советници кои гласаа воздржано беше избрана Весна Кожинкова за претседател на Советот на Општина Штип. Кожинкова во своето обраќање пред советниците во Советот на Општина Штип истакна дека е огромна честа и задоволството по вторпат да биде прва меѓу еднаквите во штипскиот Совет.
„Оваа доверба којашто ми се укажува не е само признание на нашата досегашна работа во изминатиот период, туку е уште поголема обврска да продолжиме заедно во иднина уште попосветено, поодговорно и уште потранспарентно. Изминатите четири години како претседател на Советот, сите заедно покажавме дека Советот може да биде институција, во којашто се почитуваат различностите, партиски пред се, во која со искрен дијалог, искрена почит едни кон други можеме да донесуваме одлуки за добробит на граѓаните“ – вели Кожинкова.
Пред да се избере новиот претседател на Советот на Општина Штип, со седницата раководеше најстариот новоизбран советник, 71 годишниот Стојан Коцев.
Координаторите на советничките групи истакнаа дека ќе работат конструктивно, со дијалог и со одлуки кои ќе бидат за доброто на Штип.
„Советничката група на СДСМ и коалицијата пред се се надева на една конструктивна соработка со сите чинители на советот. Само така може да направиме една развојна општина“ – вели Димова.
На денешната седница новоизбраните советници во Советот на Општина Штип ги потпишаа изјавите дека ќе работа чесно и одговорно. Советот на Општина Штип брои 23 советници, 16 од ВМРО ДПМНЕ, четири од СДСМ, двајца од Левица и еден од ЗНАМ.
Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет