
Екипите на Осогово и Каменица Саса ќе бараат враќање на победничките патеки веќе в сабота во рамки на 10. коло на Втората лига, откако двете екипи во претходното коло забележаа порази.
Осогово ќе има тешко гостување кај Тетекс, на терен каде тешко се освојуваат бодови, а „жетварите“ на Крсте Крстев иако ќе играат на тежок терен, сепак имаат некоја минимална предност поради тоа што Тетекс е во резултатска криза, бидејќи од последните пет меча има четири порази и само едно реми.
Притисокот кај „штофарите“ е голем, бидејќи ќе мора да изнајдат начин како до третото сезонско славје, се со цел да можат да бидат во сериозна игра за директен опстанок, токму затоа што доколку Осогово триумфира тогаш тимот од Кочани ќе се зацврстува во средишниот дел од табелата односно околу осмото место, а Тетекс ќе остане во долниот дел на табелата и ќе го губи чекорот од осмото место.
Каменица Саса на домашен терен ќе се обиде да се врати на победите, односно ќе бара начин како до третиот триумф, но нема да биде така лесно против Скопје.
Саса ќе има предност што игра на домашен терне, но од друга страна пак „пиратите“ имаат подобра форма од „рударите“ и тоа за тимот од Автокоманда ќе биде предност.
Овие две екипи имаат ривалство, а императивот сега за трите бодови е голем, пред се затоа што Скопје сака триумф со цел да го следи чекорот на водечките Брегалница и Шкендија Арачиново, а пак Саса ќе мора до триумф со цел пак да биде околу зоната за директен опстанок и бодовно да не се одалечи од осмото место.
Како Осогово, така и Каменица Саса имаат тешки и неизвесни натпревари, па екипите од Истокот се надеваат на добар натпревар и позитивен резултат.
Александар Ванев, М-Нет