
Новата сезона во Втората женска кошаркарска лига се отвара овој викенд со мечевите од првото воведно коло, а како новитет во Втората лига е враќањето на Тим Арена од Штип, па така градот под Исарот ќе следи сениорска кошарка во женска конкуренција во сезона 2025/2026.
Како што веќе информираше М Нет телевизија покрај Тим Арена од Штип ќе се натпреваруваат и екипите на Шкупи, Охрид, Струга, Риниа, Гостивар и Гевгелија, односно седум екипи, а тоа ќе значи дека во секое коло по една екипа ќе биде слободна.
Во првото коло Тим Арена од Штип ќе гостува кај екипата на Риниа, Шкупи ќе биде домаќин на Охрид, Гевгелија ќе се соочи со Гостивар, додека пак Струга во рамки на првото коло ќе биде слободна.
Во однос на самите пропозиции првите четири екипи обезбедуваат плеј-оф, кој се игра по принципот подобар од три натпревари според форма 1-1-1 со предност на домашен терен на подоброрангираните екипи. Победниците од полуфиналето обезбедуваат место во финалето кое се игра по принцип како и полуфиналето, а победникот ќе обезбеди место во Првата женска кошаркарска лига за сезона 2026/2027.
Александар Ванев, М-Нет