Вкупно 57 казни издаде ДПИ со вредност од над 1.850.000 денари за само една недела.

Вкупно 57 казни издаде државниот пазарен инспекторат со вредност од над 1.850.000 денари за само една недела.

Најмногу прекршочни платни налози се издадени во областа на финансиската дисциплина, каде биле извршени 129 контроли и изречени 41 казна. Во делот на трговијата се спроведени 82 надзори, при што се издадени 5 казни, додека во угостителската дејност биле спроведени 28 надзори со 11 изречени прекршочни налози.

Во останатите области, како заштита од пушење, туристичка дејност, заштита на потрошувачи, занаетчиство, општа безбедност на производи, технички барања за производи, метрологија, индустриска сопственост, биле спроведени надзори, но не се издадени казни. Во некои случаи се постапувало и по Законот за такса за привремен престој и по Законот за забрана и спречување на вршење нерегистрирана дејност, исто така без изречени санкции.

Покрај прекршочните платни налози, изречени се и 14 опомени, кои претставуваат предупредување за утврдени неправилности, а за нив ќе следуваат контролни надзори во наредниот период, согласно законските прописи.

Државниот пазарен инспекторат продолжува со континуирани инспекциски активности во рамките на своите надлежности, користејќи ги сите расположливи ресурси за тековно постапување и спроведување на законските регулативи. Надзорите се спроведуваат врз основа на годишниот и месечниот план за работа, но и по пријави од граѓаните и институциите, секогаш во согласност со законските овластувања.

Иван Митев, М-Нет