
Да се чистат оџаците пред стартот на новата грејна сезона – предупредуваат од ТППЕ Штип. Нечист оџак и стара електрична инсталација се причините за несреќа. Пожарите избувнуваат за миг, а пламенот пробива преку ѕидови и покриви. Командирот на ТППЕ Штип Благој Ренџов, рече дека во споредба со претходните години, ваквите пожари се со намален број, но сепак се појава во текот на грејната сезона, затоа тој потенцираше сезоната на греење да почне безбедно – со чисти оџаци и проверена инсталација.
,,Еден апел до граѓаните, пред употребата на грејните тела да ги прочистат оџанците, а тие што се греат на струја да ја проверат електричната инсталација за да не дојде до несакани последици. Во просек, минатата година имавме намален број на запалени оџаци, претежно луѓето се префрлаат на греење на електрична енергија. Со нередовното чистење на самите оџаци, со нередовното одржување, испукани оџаци, од сагата при високата температура тие се апалуваат внатре и доведуваат до голема температура преку 1000 степени, каде што самата цигла раскупува и излегува пламен.“, рече Ренџов
Но, не само во куќите, пожари настануваат и во постари згради потенцираше командирот Ренџов. Рече дека претежно во новите згради греењето е со електрична енергија.
Само еден нечистен оџак или неисправна инсталација може да предизвика катастрофа за неколку минути. Пожарите што почнуваат од сага и стари кабли често завршуваат со пламен. Од ТППЕ Штип и понатаму апелираат до граѓаните навреме да ги проверат и исчистат оџаците, и да ја испитаат електричната инсталација, се со цел да се спречат несаканите последици.
Иван Митев, М-Нет