
После неколку години застој во изградбата, денес конечно беше пуштен во употреба затворениот базен во Штип.
Како што истакна градоначалникот на општина Штип, Иван Јорданов, конечно се завршени сите активности поврзани со изградбата и во наредните денови истиот ќе биде ставен во функција.
„Чест и задоволство ми што денеска конечно после неколку години застој во изградбата во објектот на затворениот базен, конечно се завршени сите активности поврзани со изградбата и веќе во наредните денови истиот ќе биде ставен во употреба за користење. Ја користам оваа прилика да се заблагодарам на Владата на премиерот на министерот за спорт, кои се главни виновници за продолжување на работите поврзани со објектот на затворениот базен, затоа што како што претходно напоменав неколку години овој објект беше во застој. На радост на сите нас како центар на Истокот од Македонија, еве после сите активности превземени после координациите, сите активности се завршени и верувам дека овој објект ќе биде искористен од учениците кои по час за физичко воспитување ќе го користат овој објект, ќе го користат исто така и пливачките клубови, рекреактивците и конечно Штип ќе добие еден ваков репрезентативен објект во кој имаме затворен базен. Благодарност уште еднаш и сум сигурен дека и во период којшто следи ќе се продолжи со инвестирање во спортската инфраструктура“, вели градоначалникот Јорданов.
Пливачките клубови во Штип сега ќе имаат значително подобри услови и ќе може да работат во текот на целата година, а базенот ќе се користи и од страна на учениците по час за физичко воспитување, како и рекреативци.
„Претставува огромна чест и задоволство за проекти почнати пред четири години ги ставаме во функција. Овој е веќе втор таков базен, за 20-тина дена ќе пуштиме уште два во употреба што значи дека сите оние наши заложби и ветувања кои што ги дадовме пред една година веќе почнуваат да се гледаат и низ дела и низ нивна реализација. Јас би упатил една благодарност до градоначалникот за одличната соработка, координација затоа што не можете да направите базен без да имате со локалната самоуправа добра соработка и координација. Гледате дека базенот изгледа навистина пристојно и убаво за македонски услови овој е прв ваков базен мислам во Штип и се надевам дека многу дечиња ќе имаат можност најпрво да рекреираат од училиштата меѓутоа понатаму и рекреативно да доаѓаат оние кои што ќе сакаат да го користат овој базен. Јас би упатил благодарност и до Владата и премиерот Христијан Мицкоски затоа што навистина без поддршка од Владата и премиерот не можете да завршите ниту да почнете било какви инфраструктурни и спортски проекти“, речи министерот за спорт, Борко Ристовски.
Министерот Ристовски истакна дека имале одлична соработка со локалната самоуправа и градоначалникот Јорданов кога е во прашање овој голем проект, со кој штипјани сега добиваат затворен базен.
Премиерот Мицкоски истакна дека ќе продолжат и во иднина да инвестираат во спортот.
„Овој базен кој што претставува типска градба како што кажа и министерот е еден од шест, втор по ред. Знаете дека овие проекти беа заглавени со години, четири – пет години, тапкаа во место не беа реализирани, но еве сега со доаѓањето на оваа Влада изминатите 15 месеци откако сме Влада ги задвиживме овие проекти и тие се реализираа, остануваат оној во Кисела Вода, овој во Штип е следен, следат Кичево и Битола, па потоа Ѓорче Петров и Карпош и овој во Кавадарци. Продолжуваме и понатаму да инвестираме во спортот затоа што како велат во здраво тело има и здрав дух“, вели премиерот Христијан Мицкоски.
Штип го доби долгоочекуваниот базен, а штипските пливачи сега ќе имаат спортско катче каде ќе се подготвуваат, тренираат и ќе имаат можност повеќе за уште поголеми резултати во иднина.
Александар Ванев, М-Нет