
Тимот на Башкими успеа да слави на домашен терен, но и да ја запре победничката серија на Силекс откако повратникот во елитата беше подобар со 2:1, а притоа играше и со играч помалку на теренот.
Голманот на Башкими, Амир Јашар вели дека натпреварот бил тежок, додава дека рано добиле црвен картон, но покажале карактер бидејќи и повеќе ја сакале победата.
„Тешка, да, секако игравме со екипата која нема пораз која има примено само еден гол. Ја сакавме повеќе победата, изигравме на терен, рано добивме црвен картон покажавме дека имаме карактер дека сме екипа која треба да биде во горниот дел од табелата што ќе се бори за Европа, трите бодови останаа во Куманово, останаа за публиката за нашите навивачи“, вели Јашар.
Искусниот голман Амир Јашар беше на вистината на задача и успеа со неколку клучни интервенции да донесе три бода за неговиот тим и со повреда на раката.
„Па, да, беше тешка топка ја одбранивме и со раката ја погодив стативата, раката ми е моментално потечена, но до крај моравме да издржиме и да останат три бода во Куманово.“
Башкими е меѓу прволигашите со најмногу публика на стадионот, силната поддршка од трибините е уште еден фактор плус кон одлични резултати кои ги прави тимот од Куманово.
„Секогаш, значи Куманово живее за фудбалот, нашите навивачи не’ поддржуваат секаде и дома и во гости, значи пред оваа публика, одлична атмосфера, греота е да не се победи. Секако, со таа поддршка и без играч помалку и со публиката која ни даваше ветер во грб“, дополнува Јашар.
Силекс после пет победи во низа го доживеа првиот пораз, откако загуби во Куманово.
Искусниот Дарко Додев кој го носи дресот на Силекс вели дека не биле на нивното ниво за натпреварот во Куманово.
„Прво честитки на домашната екипа за победата едноставно не бевме на нашето ниво некои 65 до 70 минути, беше многу тешко да се вратиме, ги понесе атмосферата имаат одлична публика и мислам дека се екипа која тешко дека некој дома ќе ги победи“, вели Дарко Додев.
Силекс имаше 30-тина минути играч повеќе на теренот, но сепак не го искористи тој момент, а Додев вели дека веќе фокусот е на следниот меч.
„Да, точно така, имавме неколку шанси кои за жал не ги претворивме во гол, но мислам дека сега е време да се фокусираме на нашиот следен натпревар, а тоа е Струга и нема тука што, ние имавме пет од пет за жал ја прекинавме таа серија и тоа е тоа“, дополнува Додев.
Екипата на Македонија ЃП на домашен терен славеше со 2:0 над Брера Струмица со што „лавовите“ забележаа втор сезонски триумф.
Денес на програмата од вонредното 6. коло се два натпревари, дербито го играат Струга Трим Лум и Шкендија, Тиквеш ќе игра со Шкупи, а пак утре Арсими ќе го пречека Вардар, а пак Работнички ќе бара прво сезонско славје против Пелистер.
Александар Ванев, М-Нет