Беласица минимално го доби Детонит Плачковица, плакета и врамен дрес за легендата Петар Андреев

Беласица минимално го доби натпреварот со Детонит Плачковица кој се играше под рефлектори на стадионот „Благој Истатов“ во Струмица, за комплетирање на четвртото коло во Втората лига.

Херој на мечот беше Бојан Спиркоски кој постигна гол во првиот дел. Голема шанса за Беласица имаше и Александар Коцев во 4. минута од слободен удар, а пак во вториот дел најзрелата шанса тимот од Радовиш ја имаше преку Никола Сарески.

Натпреварот имаше голема посетеност, тука беа и верните „Ајдуци“, но допатува публика и од Радовиш, да даде поддршка на Детонит Плачковица.

Тренерот на Беласица, Александар Стојанов, вели дека одиграле тежок натпревар до последните секунди.

„Доста тежок натпревар, првенствен натпревар којшто можеби тука локално дерби. Тежок и исцрпувачки натпревар до последните секунди, знаете како, во фудбалот некогаш можеш да играш добро, да изгубиш, некогаш можеш да малку послабо, но да победиш. Мислам дека денес како тим целокупно не бевме на посакуваното ниво, имавме некои проблеми во агресијата, но фалеше она агреси од претходниот натпревар на домашен терен со Скопје, многу лесно испаѓавме при таа агресија после изгубена топка. Но, на крајот, сепак резултатот е најбитен и мислам дека некогаш и пак ќе повторам може да одигра добро и пак да изгубиш, но на крајот се сметаат бодовите. Да им честитам и на фудбалерите на Детонит Плачковица за пожртвуваната игра, се покажа во доста добро светло, можеби немаше изгледни ситуации, можеби ние бевме тимот кој што сакавме да дадеме и втор гол“, вели тренерот на Беласица.

Стојанов не е задоволен од играта на неговиот тим, иако ги освои трите бодови, бидејќи како што вели тренерот воочил дека имал некои проблеми во самата екипа.

„Се повлековме во некој среден блок го чувавме резултатот, бидејќи и јас убидов во мојата екипа дека некакви проблеми и само чувањето на резултат до крајот на натпреварот беше патот до успехот. Мислам дека успеавме, останавме со чиста мрежа. Им честитам на моите играчи покрај овој лош ден. Голема благодарност до целата струмичка јавноста, публика која што дојде да им се заблагодарам, да доаѓаат и да ја поддржуваат Беласица и на наредните натпревари, затоа што на Беласица и треба поддршка и треба ветер во грб“, дополнува Стојанов.

Пред почетокот на натпреварот претседатело на клубот, Славчо Васков – Пинда му додели плакета и врамен дрес на живата играчка легенда Петар Андреев, кој е симбол на струмичкиот фудбал со 555 лигашки натпревари со неверојатни 22 сезони и постигнати 50 погодоци со што се вбројува меѓу најдобрите стрелци во историјата на клубот.

„Исто така, да го поздравам и легендата на струмичкиот фудбал, на којшто му оддадовме почит и чест со 555 натпревари не е малку да одиграш во Беласица. Капа долу за него, му е поклони цел стадион, целата публика. Продолжуваме понатаму веќе заврши Детонит Плачковица, се насочуваме кон следните предизвици кој ќе ги имаме во првенството“, вели Стојанов.

Беласица во следното коло ќе гостува кај екипата на Слога Виница, а пак Детонит Плачковица ќе биде домаќин на Шкендија Арачиново.

Александар Ванев, М-Нет