
Третото коло во Првата женска фудбалска лига донесе многу погодоци, а колото ќе се затвори утре со одложениот натпревар меѓу шампионот Љуботен и повратникот Кочани, каде тетовскиот тим ќе биде повеќе од апсолутен фаворит.
Каменица Саса на гостувањето во Струга кај Ас Јунајтед загуби со резултат од 2:0 со што „рударките“ загубија важни бодови во трката за титулата, иако се’ уште е рано и е почеток на првенството, но сепак ваквиот пораз му оди во полза на шампионот Љуботен.
Пржино уште еднаш се покажа дека ќе биде тешка освоива тврдина, а Тиверија Брера загуби на овој тежок терен од домаќинот Скопје со резултат од 2:1.
Во кумановска Речица беа постигнати фантастични осум погодоци за триумф на Топ Гол од 5:3 против домаќинот Речица, со што трите бодови заминуваат во Битола.
Дебитантот Вардар доживеа тежок пораз откако на домашен терен загуби од Истатов со резултат од 0:11 и засега ова е најголемата победа односно најголемиот пораз во шампионатот.
Екипата на Вардар која две години во низа не ги поминуваше баражи за влез од Втора во Прва лига годинава доби место во фудбалската елита на Македонија, откако Атлетико се откажа од натпреварување.
Александар Ванев, М-Нет