До крајот на оваа или почетокот на наредната недела ќе се знаат сите кандидати за градоначалници од СДСМ

До крајот на оваа или најдоцна почетокот на наредната недела ќе бидат познати имињата на сите кандидати за градоначалници од СДСМ, истакна на денешната прес конференција претседателот Венко Филипче. Како што посочи тој имињата се веќе дефинирани и ќе бидат објавени и презентирани пред јавноста.

„Во однос на кандидатите, ние практично ги финализиравме кандидатите за најголемиот број на општини. Дефинирани се сите и до крајот на оваа и почетокот на наредната недела ќе бидат објавени. Ги избравме најдобрите кандидати, тие кои се и признати и познати во своите средини, дека имаат кредибилитет да излезат пред граѓаните, да ја презентираат својата програма и дека може таа програма да ја остварат„ – вели Филипче.

Филипче додаде дека станува збор за избрани кандидати кои ќе можат да ја побараат довербата од граѓаните, да ги презентираат своите програми и да ги исполнат истите.

„Ние настапуваме со нашите кандидати, настапуваме со кандидати кои се најдобриот избор кои можат да ги остварат програмите кои ќе ги ветиме“ – додава Филипче.

Во Источниот дел од државата познати се имињата на Павел Иванов кој е кандидат за градоначалник за Општина Штип, Горанчо Крстев за Општина Чешиново – Облешево, и Илија Рунтевски за Општина Берово. Она што е најинтересно за јавноста во Истокот е дали и кој ќе биде предложениот кандидат за градоначалник во Општина Кочани. Инаку СДСМ има свои актуелни градоначалници во Делчево и Пробиштип, но таму се уште нема имиња на кандидати за престојните локални избори.

Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет