Алармантна ситуацијата во ООУ „Гоце Делчев“ во Штип, од запишани 54 првачиња само 24 се македонски ученика

Алармантна ситуацијата со новозапишани првачиња во ООУ „Гоце Делчев“ во Штип. Од досега запишаните 54 првачиња, само 24 се македонски ученика. Но, оваа бројка ќе оди во надолна линија, бидејќи учебната година сѐ уште не е започната, а двајца ученика веќе се испишале. Измените за реонизаијата во Законот за основно образование не го даваат посакуваниот резултат, вели директорот Зоран Митев, бидејќи родителите со промена на адреса го запишуваат своето дете во друго училиште.

„Покрај извршената нова реонизација, состојбата не е променета во ООУ „Гоце Делчев“ во Штип. Родителите најдоа нов модул, начин на запишување на учениците во друго училиште. Имено, си ги менуваат адресите, а оние кои не успеале да си ги променат адресите само со нотарски договор, без наемнина, ги запишуваат учениците во друго училиште. Имаме ние запишано 54 ученика, очекуваме да запишаме уште десетина, бидејќи дел од Ромската популација ги запишуваат децата во септември и октомври. Прописно ќе имаме формирано три паралелки, но имаме само 24 запишани македонски ученика. Еден денеска се испиша, уште еден ќе се испише.“ – вели Митев.

Ваквата пракса во ООУ „Гоце Делчев“ во Штип се повторува со години наназад, а најголем проблем овде е непочитувањето на реонизацијата. И покрај напорите да се надминат ваквите проблеми сепак решение на виделина нема. Директорот Митев денеска посочи дека со почетокот на иучебната година тие како училиште ќе бараат да се преиспитаат адресите на родителите, со цел да се потврди дали се почитува реониизацијата или се бара „дупка“ за да се изигра Законот.

Инаку, паралелки со помал број ученици ќе се формираат како во централното училиште, така и во подрачните училишта во село Шашаварлија и населбата Три Чешми.

Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет