ФК Карбинци – ФК Вардар: Пријателски натпревар кој беше вистински фудбалски празник во општина Карбинци

Гостувањето на најтрофејниот македонски фудбалски клуб Вардар направи вистински фудбалски празник во општина Карбинци. Вчера, се одигра пријателски натпревар помеѓу фудбалскиот гигант Вардар и третолигашот Карбинци.

Сосема очекувано и јасно беше дека Вардар ќе триумфира против Карбинци, резултатот беше 0:5, а актуелниот освојувач на Купот на Македонија настапи со играчи кои имаат помала минутажа, но во Карбинци допатува со комплетен состав со што покажува голема почит, па притустните имаа можност да ги видат сите фудбалери на Вардар.

Љубители на фудбалот уживаа во одличен фудбалски натпревар, го следеа големиот Вардар, а Карбинци се покажа како одличен домаќин и организатор на еден ваков натпревар. Овој натпревар привлече интерес од повеќе места од Истокот кој допатуваа да го следат Вардар во живо на фудбалскиот терен во Карбинци.

Фудбалскиот клуб Карбинци веќе се подготвува за новата сезона во Трета лига – Исток која ќе започне на 7 септември, а овој натпревар е подготовка не само за новата сезона туку и за Купот на Македонија, а во кој одново Карбинци ќе земе учество.

Вардар направи фудбалски празник во општина Карбинци, а пак третолигашот сега е со фокусот за натпреварот од првото коло од Купот на Македонија, а ќе игра против прволигашот Работнички. Во претходните неколку сезони Карбинци на својот терен, а во рамки на Купот се покажа како одличен домаќин и се соочи со Силекс, Воска Спорт, Победа, гостуваше и Брегалница од Штип, а сега и Вардар со што покажува и докажува дека е клуб кој е одлично и организиран и може да биде одличен домаќин и на еден натпревар од повисок ранг на натпреварување или пак пријателски меч со големо фудбалско име.

Карбинци исто така е стабилен третолигаш, кој од сезона во сезона се подобрува и се бори за местата во горниот дел од табелата. Фудбалерите на Карбинци имаа можност да одиграа еден натпревар против Вардар, а сега им се отвара можност да одиграат натпревар и против прволигашот Работнички. Стручниот штаб на Карбинци им даде шанса на сите фудбалери на кои ќе смета во новата сезона со цел да се провери нивната форма, а клубот ги продолжува подготовките.

Во следните денови ќе се одржи ждрепката за новата сезона во Трета лига – Исток, со што ќе биде познато првото коло и дали Карбинци новата сезона ќе ја започне на домашен или гостински терен, како и против која екипа.

Александар Ванев, М-Нет