
На денешната шеесет и петта седница на Советот на општина Штип, тема на дневниот ред беше и фудбалскиот клуб Брегалница, односно тоа беше предлог-одлука за дополнување на одлуката за отпочнување постапка за продажба на Дел од акциите во сопственост на општина Штип во друштвото за спортски дејности Фудбалски клуб Брегалница 2008 АД Штип.
Како што истакна Сања Мијалкова Судиклиева од општина Штип на денешната седница на Советот, Општина Штип ќе субвенционира еден милион денари на годишно ниво за покривање на трошоците за следење на функционирањето на клубот преку номинација на свој член во стручниот штаб и тоа во период во времетраење на овој договор, а со цел поголемо влијание врз одлуките на клубот за подобра, поуспешна и поголема транспарентност на работата на клубот.
„Во членот 4 по точка 22 од оваа одлука за отпочнување постапка за продажба на дел од акциите во сопственост на општина Штип од друшство за спортски дејности фудбалски клуб Брегалница 2008 АД Штип се додава нова точка 23 која гласи: Општина Штип ќе субвенционира еден милион денари на годишно ниво за покривање на трошоците за следење на функционирањето на клубот преку номинација на свој член во стручниот штаб и тоа во период во времетраење на овој договор. Оваа одлука општината да делегира свој член во стручниот штаб на клубот се донесува за поголемо влијание врз одлуките на клубот за подобра, поуспешна и поголема транспарентност на работата на клубот“, изјави Сања Мијалкова Судиклиева од општина Штип.
Брегалница има „ремонтиран“ тим со штипски фудбалери, нов кормилар е искусниот стратег Влатко Костов, а „сините“ во новата сезона која ја отвараат на домашен терен против Кожуф ќе целат кон враќање во Првата лига со новиот турски сопственик.
Александар Ванев, М-Нет