
Второлигашите продолжуваат со одигрување на пријателски натпревари со цел темпирање на посакуваната форма пред стартот на новата сезона, но има и по некој третолигаш кој е активен со одигрување на пријателски натпревар, а тоа е Победа од Валандово, која веќе еден месец е во тренажен процес и всушност започна најпрва со подготовки во однос на сите третолигаши.
Во Кочани на градскиот стадион „Никола Мантов“ се одигра пријателски натпревар меѓу Осогово и Каменица Саса. Соочувањето на овие две екипи заврши без победник, но и без погодоци (0:0).
Интересно е што овие две екипи ќе се соочат на стартот на новата сезона односно во рамки на првото коло во Македонска Каменица.
Екипата на Беласица забележа висока и убедлива победа од 0:5 над третолигашот Победа во Валандово. Разликата во квалитет е голема, Беласица е екипа која претендира за влез во Првата лига, а пак Победа која по неколку сезони се врати во Трета лига – Исток, активно работи на подобрување на формата, воигрувањето, а овој пријателски натпревар ќе биде искуство повеќе за младите фудбалери на Победа.
Беласица новата сезона ја отвара со дерби натпревар против Охрид на гостински терен на 23 август, а пак екипата на Победа од Валандово ќе ја сочека ждрепката за новата сезона во Трета лига – Исток, а која треба да започне на 7 септември.
Александар Ванев, М-Нет