
Женскиот ракометен клуб Куманово продолжува со промоција на нови засилувања, се работи за три млади ракометарки.
Станува збор за Михаела Николовска која има 17, потоа 16-годишната Меланија Јовановска, како и Ева Ѓорѓиевска која има 18 години.
ЖРК Куманово предводен од тренерот Славиша Димитријески мисли на иднината, а потврда за тоа е ангажманот на овие млади и талентирани ракометарки.
Клубот се подготвува за настап во македонската Суперлига, а покрај тоа се подготвува и за настапот во Европскиот Куп на ЕХФ, каде Куманово во рамки на 2. коло ќе се соочи со Каскада Гарлијава од Литванија.
Ново засилување има и ЖРК Чаир, откако клубот постигна договор со Сабрина Фиоре од Парагвај. Се работи за 29-годишна ракометарка која своите ракометни почетоци ги имала во родната држава за клубот Сан Хозе, а потоа настапувала за екипи од Бразил и Шпанија.
Фиоре ќе биде првата ракометарка од Парагвај која ќе заигра во македонскиот шампионат, таа настапува на позицијата пивот, а има настапи и за репрезентацијата на Парагвај на Светското првенство 2017 во Германија, настапуваше и на Панамериканските игри во 2017 година, а со Парагвај играше и на Светското првенство во 2021 година.
ЖРК Чаир добива звучно и квалитетно засилување за настапите во домашниот шампионат, но и за настапите во Европа.
Александар Ванев, М-Нет