Второлигашот Осогово од Кочани ги започна подготовките за новата сезона

Второлигашот Осогово од Кочани ги започна подготовките за новата сезона 2025/2026 во Втората македонска фудбалска лига со првиот тренинг.

Во соблекувалната управата и стручниот штаб го одржаа првиот состанок за новата сезона со играчите, а потоа беше одржа и првиот тренинг со што и официјално започнаа подготовките за новата сезона.

Клубот досега ги претстави искусниот дефанзивец Христијан Митревски и голманот Филип Лазаревски, а ќе следи промоција и на Христијан Поп Антоски кој доаѓа од Детонит Плачковица.

Минатата сезона Осогово играше бараж за опстанок, но истиот го загуби од Шкендија Арачиново, а потоа во ждрепката од поразените екипи имаше среќа и го сочува второлигашкиот статус и за следната сезона.

„Жетварите“ од Кочани и во новата сезона ќе ги води искуснииот стратег Крсте Крстев, а целта на клубот ќе биде директен и сигурен опстанок, а со оглед дека од лигата испаѓаат дури пет екипи директно, а три играа бараж, тоа ќе значи дека Осогово ќе треба да биде во првите осум ако сака директен и сигурен опстанок.

Според нашите информации раководстовото на второлигашот од Кочани преговара со уште неколку играчи.

Договорени се и пријателски натпревари, а формата ќе се проверува со Брера Струмица, Вардар Неготино, Тетекс, Саса, Детонит Плачковица и генералката ќе биде со Беласица.

Новата сезона во ВМФЛ започнува на 23 август.

Александар Ванев, М-Нет