Штипскиот пазар полн уште рано наутро – најбарани доматите, пиперките и лубеницата

Штипскиот пазар врие од народ – утрото почна со полни тезги и брзи купувачи.

Граѓаните на Штип и овој петок не ја пропуштија можноста да се снабдат со свежи, домашни производи, а ова утро најмногу се бараа доматите, пиперките и – секако, лубениците, кои во овој топол петок станаа најактуелни. Цените и овој петок достапни за граѓаните, за некому скапо, за некому евтино, а имаше и такви кои што воопшто не гледаа на цените, туку купуваа тоа што им сакаше душата.

И овој петок продавачите задоволни, велат дека уште рано наутро пазарот бил пол, а граѓаните најмногу купувале домати, пиперки и лубеница

Како и секој петок, така и овој, штипскиот пазар продолжува да биде срцето на градот, место каде што се среќаваат свежите сезонските плодови и љубовта на луѓето кон домашното. Без разлика на цените, една работа е сигурна – летото во Штип не може да помине без мирисот на свежи домати и освежителни лубеници, кои ги прават деновите попријатни.

Иван Митев, М-Нет