Суперлигашот Куманово не мирува: Промовиран Ончев, останува Гилерме Да Силва Фернандес, Мартин Томовски ќе брани во Германија, Вардар Неготино гради ростер за новата сезона!

ФОТО: Александар Ванев, М-Нет телевизија

Ракометниот суперлигаш Куманово не мирува на трансфер пазарот, откако претстави уште едно ново засилување за новата сезона. Се работи за Тоше Ончев, кој има богата меѓународна кариера. 28-годишникот има настапувано за скопски Вардар, за француските екипи Вернолиет и Фермон, Феакаш во Грција, Тримо Требње од Словенија и шпански Валинокс Новакс, а на домашната сцена го носеше дресот и на Охрид, Голден Арт и Борец ФЛ од Велес.

Куманово и официјално ја продолжи соработката со Бразилецот Гилерме Да Силва Фернандес, кој настапува кко десен бек. Тој во Куманово пристигна во јануарскиот преоден рок од бразилското првенството односно од екипата на Сао Каетано, а претходно настапуваше во португалскиот шампионат за екипата на Артистик Аванка.

Прволигашот Вардар Неготино го гради ростерот за новата сезона, а со цел тимот да биде конкурентен за враќање во Суперлигата. Во Неготино останува Драган Кузманов кој настапува како лев бек, голманот Александар Мицев, како и срединиот бек Мирослав Митевски, а клубот успеа да го врати Ѓорѓи Орешков, кој настапуваше за Младост од Богданци, а тука ќе биде и Наќе Ѓорѓев, кој игра како кружен напаѓач.

Во следниот период ќе бидат промовирани уште неколку засилувања во тимот на Вардар Неготино.

Репрезентативен голман Мартин Томовски останува во Германија, откако се договори да го чува голот на Битигхајм, екипа која испадна од германската ракометна елита и ќе игра во Втората Бундес лига.

Македонскиот голман ќе биде клучен во целите на Битигхајм, кој ќе сака враќање во елитата, а низ својата кариера Томовски беше дел од Лудвигсхафен и Потсдам од каде и заминува во Битигхајм.

Александар Ванев, М-Нет